ИНТЕРВЕНТНА КАРДИОЛОГИЈА

Минимално инвазивни техники со помош на катетри за дијагностицирање и лекување на заболувања на срцето и крвните садови.

Преглед на одделот

Интервентната кардиологија е супспецијалност на кардиологијата која користи минимално инвазивни техники со помош на катетри за дијагностицирање и лекување на заболувања на срцето и крвните садови.

Со овие процедури често се избегнува класична операција на отворено срце и се овозможува побрзо закрепнување, помал ризик и пократок престој во болница. Во одделот се третираат заболувања на коронарните артерии, срцевите валвули, вродените срцеви мани, аортата и периферните крвни садови.

Болести / Состојби

Во одделот се дијагностицираат и третираат различни заболувања на срцето и крвните садови, кај кои е можно лекување со минимално инвазивни интервенции:

  • Коронарна артериска болест и акутен срцев инфаркт
    состојба која настанува поради таложење на масни наслаги и атеросклеротски плаки во срцевите артерии, со што се намалува или прекинува протокот на крв до срцевиот мускул. Може да предизвика болка во градите, отежнато дишење и срцев удар.
  • Валвуларни срцеви заболувања
    заболувања на аортната, митралната и пулмоналната валвула, кога валвулите не се отвораат или затвораат правилно. Ова може да доведе до замор, несвестица, отежнато дишење и срцева слабост.
  • Вродени срцеви аномалии и септални дефекти
    структурни дефекти на срцето присутни уште при раѓање, како отвори помеѓу срцевите шуплини (ASD, VSD, PFO), коарктација на аорта или други вродени стеснувања и неправилности.
  • Заболувања на аорта
    вклучуваат аневризми, дисекции и коарктација на аорта. Аневризмата претставува проширување на аортата со ризик од пукање, додека дисекцијата е раскинување на ѕидот на аортата со висок ризик за животозагрозувачко крварење. Коарктацијата е вродено стеснување на аортата.
  • Периферна васкуларна болест
    стеснување или запушување на артериите на нозете, рацете или другите делови од телото, што може да предизвика болка, слабост и нарушена циркулација.
  • Стеснувања и запушувања на каротидни, бубрежни и периферни артерии
    состојби кои можат да доведат до мозочен удар, покачен крвен притисок, оштетување на бубрезите или намалена циркулација во екстремитетите.
  • Белодробна емболија и тромби во белодробната циркулација
    состојби кај кои тромб ги затвора крвните садови во белите дробови и може да предизвика нагло отежнато дишење, болка во градите и сериозни компликации.
  • Персистентен форамен овале (PFO) и криптоген мозочен удар
    присуство на мал отвор помеѓу преткоморите на срцето, кој кај одредени пациенти може да биде поврзан со необјаснет мозочен удар, мигрена или транзиторни невролошки симптоми.

Дијагностика

Во одделот се применуваат современи инвазивни и неинвазивни дијагностички процедури:

Снимање на срцевите артерии со контраст, најчесто преку артерија на раката. Се користи за откривање на стеснувања и запушувања на коронарните артерии и претставува основна метода за проценка кај пациенти со ангина или сомнеж за срцев инфаркт. Пациентот најчесто се отпушта истиот ден.

Снимање на артериите на телото за откривање на стеснувања или оклузии на крвните садови на рацете, нозете и другите органи.

Снимање на аортата со контраст за откривање на аневризми, дисекции и стеснувања.

Директно снимање на артериите на вратот кои го снабдуваат мозокот, со цел откривање на стеснување или запушување и проценка на ризикот од мозочен удар.

Проценка на проодноста на бајпас графтовите кај пациенти кои претходно имале кардиохируршка операција.

Снимање на срцевите комори со проценка на нивната големина и пумпна функција.

Снимање на белодробната циркулација за откривање на тромби и белодробна емболија.

Директно мерење на притисоците во срцевите шуплини кај пациенти со валвуларни заболувања, срцева слабост и вродени срцеви мани.

Снимање на артериите на бубрезите кај пациенти со сомнеж за реноваскуларна хипертензија или стеснување на бубрежните артерии.

Контрастно снимање на вените на рацете и нозете.

Неинвазивен тест за откривање на десно-лев шант во срцето, најчесто кај персистентен форамен овале (PFO). Се користи кај пациенти со необјаснет мозочен удар, мигрена, губиток на свест или сомнеж за PFO.

Третмани и интервенции

Во одделот се изведуваат широк спектар на современи интервенции:

  • Перкутана коронарна интервенција (PCI)
    третман на стеснети или затворени срцеви артерии со поставување на стент или балон дилатација, како планирана процедура или итна интервенција при акутен инфаркт.
  • Стентирање со стент обложен со лек
    поставување на современи стентови кои ослободуваат лек и го намалуваат ризикот од повторно стеснување.
  • Балон дилатација со балон обложен со лек
    третман без имплантација на стент кај одредени типови лезии.
  • Стентирање на каротидни артерии
    третман на стеснување на артериите на вратот, со цел намалување на ризикот од мозочен удар.
  • Стентирање на периферни и бубрежни артерии
    третман на стеснувања на артериите на рацете, нозете и бубрезите.
  • TEVAR и EVAR
    минимално инвазивно поставување стент-графт кај аневризми и дисекции на торакална и абдоминална аорта.
  • Третман на коарктација на аорта
    поставување на стент на местото на вродено стеснување на аортата.
  • TAVI (Transcatheter Aortic Valve Implantation)
    минимално инвазивна замена на аортна валвула преку катетер, без отворање на градниот кош.
  • Valve-in-Valve процедура
    имплантација на нова валвула во претходно поставена биолошка валвула.
  • MitraClip
    минимално инвазивен третман на тешка митрална инсуфициенција.
  • Затворање на PFO, ASD и VSD
    интервенции со поставување оклудер („чадорче“) преку вена на препоните за затворање на отворите помеѓу срцевите шуплини.
  • Затворање на дуктус артериозус
    затворање на каналот помеѓу аортата и белодробната артерија со спирала или оклудер.
  • Балон дилатација на аортна и пулмонална стеноза
    проширување на стеснетите валвули со балон катетер.

Технологија и опрема

Одделот располага со најсовремена ангиографска лабораторија и напредна опрема за интервенции:

  • Philips Azurion 7 M20
    најнова генерација ангиографски систем со висока резолуција и напредни можности за визуелизација, кој овозможува изведување на најсовремени кардиолошки и васкуларни процедури.
  • Современа ангиографска сала
    со дигитална визуелизација во реално време, што овозможува прецизно водење на катетрите и безбедно изведување на сложени интервенции.
  • Опрема за сложени коронарни, валвуларни и васкуларни интервенции
    вклучувајќи балони, стентови, стент-графтови, оклудери и системи за имплантација на валвули.
  • Системи за имплантација на стентови, оклудери и валвули
    кај пациенти со коронарна болест, вродени срцеви мани и валвуларни заболувања.
  • Опрема за хибридни и минимално инвазивни процедури
    која овозможува комбинирање на катетерски и хируршки пристап кога тоа е потребно.

Специјалисти

Патот на пациентот

  • Прва консултација
    Кардио-васкуларен преглед и проценка од интервенционен кардиолог.
  • Дополнителна дијагностика
    Лабораториски анализи, ехокардиографија, TCD, ангиографија или катетеризација според потребата.
  • Подготовка за процедура
    Разговор со тимот, објаснување на интервенцијата и потпишување согласност.
  • Изведување на процедурата
    Интервенција во ангиографска сала, најчесто преку артерија или вена на раката или препоните.
  • Краток престој и следење
    Дневна болница или хоспитализација на одделение или интензивна нега, зависно од видот на интервенцијата.
  • Контроли и долгорочно следење
    Редовни кардиолошки контроли и проценка на резултатот од интервенцијата.
Мими може да ви помогне во закажувањето на Вашиот термин